На баба ми Милица,
На сите земјоделци
Времето уште одамна доползи
Во преполните вреќи на животот.
Мувлоса и расипа се’…
Планинскиот ветрец е сеуште силен
Да се врати некаде во твоите приказни.
Мирисот на печени костени е доволно густ
Да помилува едно време на богата берба.
Да бев моќник, ќе го згазев твојот бол
Ќе ја разгранев твојата радост.
Но бев збунето дете кое учеше да биде силно
Од некој со преполни кофи прикриен немир.
Слушам приказни за ламјата и јунакот,
Стравот од мракот е подвиг.
Трчам сам кон скриениот водопад,
Заморот во нозете е блаженство.
Твојот лик ја пополнува сивата празнотија.
Ти го имаше никулецот во рацете,
Што Господ уште на почетокот
Им го довери на Каин и Авел.
Земјоделецот прв ја проби неротката земја,
И низ вековите им го отвараше патот на сите,
Лекарите, градителите, учителите, владетелите…
Го крунисуваа плодовите,
Му служеше предано сонцето,
Му потрчкаше верно дождот.
Времињата закржлавеа , се осамија
Не’ втекоа во врвулици и брзаци,
Ние внуците меѓу четирите светски ѕида,
Во времиња на бројки и страшни вести,
Времиња на чуми, на меч и лажни месии.
Време кога сметот стана злато,
А златото се фрла како смет
и добрината ја крунисаа со глупавоста.
Во блуткавото слатко на денешницата,
Во оладеното кафе на утрето… самуваме.
Месото и млекото од шталата на сладоста,
Одамна се изедени и испиени…
Но, ние внуците и правнуците,
искра најдовме во пепелта
Оти светов распадлив на нас остана да го чуваме.
Додека ти кај Бога наоѓаш спокој.
И кога сум несакан гостин,
Во студена куќа, на суровиот пат,
Ги сонувам уште дворот, црешата, чешмата…
И еве си ти како доаѓаш по патичката
Со преполни корпи љубов и сочувство.
Детето во душата, младинецот во сонот
Остануваат целиот земски живот
во милите спомени со тебе,
Извезени во гобленот на животот,
наредени вешто како зрели пиперки
во преполните корпи…
Ирена Јурчева
јануари, 2011






